Фудбалерите добија премија за победата во Ерменија, сумата остана тајна

Фудбалската репрезентација на Македонија доби премија за победата против Ерменија со 5-0 во Ереван, со што црвено-жолтите се доведоа во ситуација во недела сами да решаваат со победа за пласман во мундијалскиот бараж. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објави дека играчите ќе бидат наградени, но сумата која ќе ја поделат останува тајна.

ФФМ објави дека како мотивација плус пред мечот со Исланд на фудбалерите ќе им се исплати премија за победата, откако одлуката ја донеле првиот човек Муамед Сејдини со членовите на Управниот одбор. ФФМ за септемвриските ремија подели премии на фудбалерите, а во овој циклус играчите добија и премија за победата во Германија во март и поделија 150.000 евра.

„“Управниот одбор и претседателот Сејдини го ценат успехот и на овој начин продолжуваат да даваат признание и да влијаат позитивно на понатамошната атмосферата во репрезентацијата. Овие резултати не се случајни, туку плод на повеќегодишна работа и стратегија. Среќни сме што на големите успеси со пласмани на Европско Првенство со репрезентацијата до 21 година и А репрезентација, сме блиску да додадеме и пласман во бараж за Светско првенство. Ова се многу значајни моменти за македонскиот фудбал, имаме нова шанса за историски резултат и се разбира дека ќе дадеме све од себе за да ја искористиме. Фудбалерите и стручниот штаб на секој следен натпревар ја потврдуваат својата големина и навистина ни е драго што федерацијата тоа го вреднува и на ваков начин, иако за оваа репрезентативна група тоа никогаш не било најважно. За нас е значајно што имаме шанса за прв пат да се пласираме на Светско првенство, а уште повеќе што македонската репрезентација ја обединува целата држава”, рече директорот на А-тимот, Дени Масев. Нејасно е зошто ФФМ не ја објави сумата за премијата, зашто не е првпат македонските фудбалери да добијат награда за победи и свои настапи.

Scroll to Top