Аријан Адеми: Беше тотална лудница, додека нас нè чекаа распеани навивачи пред стадионот германските фудбалери тагуваа по поразот

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Аријан Адеми, два дена по историската победа во Дуизбург, сè уште не успеал целосно да ги среди впечатоците од натпреварот во кој го победија четирикратниот светски шампион Германија. Аријан вели дека германските фубалери не биле воопшто среќни по крајот на натпреварот, но сепак, спортски им ја честитале победата. Во разговорот за „Репортер“, тој ни откри и дека оваа историска победа уште повеќе ги мотивира да играат добро и на следните натпревари.

„Ние пред секој натпревар очекуваме победа, па така беше и сега. Чувството да се победи светски шампион, да се порази Германија на домашен терен и да се победи репрезентацијата што 20 години нема пораз во квалификациите за Светското првенство, е неверојатно“, ја почна својата приказна Адеми.

Капитенот на „Динамо“ од Загреб, ни кажа и дека колку што ѝ се израдувале на победата, уште посреќни биле кога пред стадионот во Дуизбург виделе дека ги чекаат педесетина македонски навивачи. Со знамиња и песната „Излези момче“, тие заедно со фудбалерите ја прославија победата над Германија од 2:1.

„Беше тотална лудница кога нè пречекаа навивачите. Многу сум среќен, но и горд што доживеав таков момент во кариерата“, ни рече Аријан, кој досега има освоено многу награди со неговиот клуб „Динамо“.

Неодамна македонскиот фудбалер беше избран за најдобар играч во Хрватска за 2020 година. За оваа титула, што му ја додели „Т-портал“, гласаа капитените на сите хрватски клубови. Аријан на тој избор освои 66 од 100 гласа.

„Убавите вести секогаш првин ги споделувам со моето семејство. Со нив го славам секој успех, а ова е голем успех за убав крај на 2020 година. Не можам да ја опишам реакцијата кога дознав дека наградата ми припадна на мене. Благодарен сум им на сите капитени на клубовите од хрватската лига, но без тренерот, навивачите и соиграчите ова не би било можно“, рече тогаш Аријан во разговор за „Репортер“.

Оваа награда само ја заокружи успешната 2020 година, кога Адеми со македонската репрезентација првпат се пласира на Европското првенство во фудбал. Не крие дека и тој, но и сите репрезентативци имаат големи очекувања.

„Успехот на националниот тим е нешто посебно. Се надевам деќа ќе ги направиме Македонците среќни и на првенството затоа што тие го заслужуваат тоа“, рече Аријан.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top