Аријан Адеми со 300 настапи за „Динамо Загреб“ е редок пример за верност во современиот фудбал

Македонскиот репрезентативц Аријан Адеми одигра 300 натпревари за „Динамо Загреб“, клубот во кој настапува 11 години. Адеми стана седмиот фудбалер во клубот што одиграл 300 натпревари за „Динамо“ и според хрватските медиуми, тој е еден од ретките примери за верност во современиот фудбал.

Прв на листата по бројот на натпревари во „Динамо” е голманот Дражен Ладиќ со 468 настапи. Трет е Марко Млинариќ со 307, а според хрватските медиуми, Адеми ќе го надмине овој број до крајот на сезоната.

Триесетгодишниот Адеми со ова го потврди својот статус на легенда на „Динамо Загреб“. Бројот на одиграни натпревари за овој клуб ќе беше поголем доколку тој не беше на заем во „Локомотива“ во 2012 година, а потоа ја имаше и двегодишната пауза од фудбалот поради суспензијата за допинг.

Адеми е челен на „Динамо“ од 2010 година. Иако се надеваше дека ќе добие шанса да игра во хрватската репрезентација, тоа не се случи, па во 2014 ја прифати поканата да настапува за репрезентацијата на Македонија.

На крајот на минатата сезона Адеми стана најтрофејниот играч во историјата на „Динамо“ со 17 освоени титули надминувајќи ги Михаел Микиќ и Томислав Бутина.

Scroll to Top