Барселона откри дека има долг од 1,35 милијарди евра

Претседателот на фудбалскиот клуб Барселона, Хоан Лапорта, објави дека имаат долг од 1,35 милијарди евра, а дека ситуацијата во клубот е многу загрижувачка. Тој го обвини својот претходник, Хосеп Марија Бартомеу, за долгот и на прес конференција рече дека тој оставил ужасно наследство во фудбалскиот гигант.

Платите во клубот моментално изнесуваат 103% од вкупните приходи, а преголемиот долг беше причината што Барселона не можеше да го задржи Лионел Меси. Доколку Барселона го продолжеше неговиот договор, тоа ќе го зголемеше збирот на плати на 110% од вкупните приходи, што Ла Лига не можеше да го прифати.

„Нашите плати претставуваат 103% од вкупните приходи на клубот, што е 20-25% повеќе во споредба со останатите клубови. Првата работа што морав да ја направам во март кога станав претседател е да позајмам 80 милиони евра за да можам да ги исплатам платите на играчите. Претходната власт беше полна со лаги. Барселона има нето минус од 451 милион евра“, кажа Лапорта.

Барселона оваа сезона купи тројца нови фудбалери, Мемфис Депај, Ерик Гарсија и Реј Манаџ, но ги регистрираше новите засилувања дури откако капитенот Жерар Пике се согласи да му ја намалат платата.

Scroll to Top