Боречкиот клуб Нинџутсу од Битола освои три медали во Србија

Боречкиот клуб Нинџутсу од Битола учествуваше на седмото по ред издание на „Српскиот граплинг куп“ во Кула, Србија. Четворицата претставници на клубот се вратија со освоени три медали и тоа: Ѓорги Таневски злато, Филип Божиновски сребро и Игор Додевски бронза. Тие се натпреваруваа во конкуренција со повеќе од 300 натпреварувачи ширум регионот.

Клубот ја сподели веста за својот успех на нивната официјална фејсбук-страница.

„Севкупно 6 победи и 3 порази. Мали моменти одлучуваа во некои од борбите што ги загубивме, но тоа е она што во иднина ќе се подобри и ќе се демонстрираат подобри перформанси. Четири од победите се со завршница (гушења и естима лок) и две победи на поени, еден пораз со завршница и два тесни порази на поени, при што тактичкиот пристап во борбата беше клучен за победата, што овај пат не беше на наша страна, но следен сигурно ќе биде многу подобро“, вели тренерот Сашко Мирчевски.

Тој додава дека покрај повредените натпреварувачи, имале сериозен тежок финансиски проблем да учевствуваат на ваквиот тип настани.

„Имајќи ја предвид цела ситуација со Ковид-19 случувањата, задоволни сме од добрите перформанси од овај турнир. Продолжуваме да се бориме со сите фактори и пречки за да го донесеме македонскиот граплинг на едно многу повисоко ниво“, додава Мирчевски, кој се заблагодари на поддршката.

Scroll to Top