Поранешниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски, е новиот претседател на Македонскиот олимписки комитет.
Тој вчера беше изгласан на изборното собрание што се одржа во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Тој освои 30 гласа против неговата противкандидатка Александра Војнеска-Зикова.
Зикова, заедно со своите приврзаници, предвреме ја напушти салата кога во текот на собранието стана јасно кој го има мнозинството.
Потоа се прејде кон тајно гласање по што Даниел Димевски беше избран за нов предводник на Македонскиот олимписки комитет.
„Уште сега ветувам, јавно кажувам, дека в година ќе организираме ново изборно собрание, па тие пак нека не дојдат. Сакам да бидеме обединети, а не разделени. Затоа ќе сторам сè за пак да бидеме сите заедно. А до следниот избор зад себе ќе имам една година во која ќе работам напорно и ќе дадам сè од себе за македонскиот спорт. Вечерва ми е еден од најтешките денови. Имав три мандати во КФМ и секојпат сум давал сè од себе на сите што мислат поинаку да ги убедам да мислат вистински. Оваа ситуација ќе ме мотивира да работам уште понапорно и сите овие столчиња сега што се празни ќе бидат полни и ќе ми аплаудираат повеќе од сите вас“, изјави Димевски.
Досегашниот претседател Васил Тупурковски беше прогласен за почесен претседател на Македонскиот олимписки комитет.