Новак Ѓоковиќ се извини за инцидентот што се случи на мечот од четвртото коло на Ју-ес опен, што доведе до негова дисквалификација.
Тенисерот со топче ненамерно погоди еден од линиските судии. На мечот со Пабло Карено Буста тој го фрли топчето зад себе и ја погоди судијката во вратот.
„Целата оваа ситуација ме остави тажен и испразнет. Веднаш ја проверив судијката и таа ми даде знак дека е во ред. Многу ми е жал за стресот што ѝ го предизвикав“, изјави Ѓоковиќ.
Поради дисквалификацијата, Ѓоковиќ ќе ги изгуби сите поени и пари што ги освои во досегашниот дел од турнирот, а би можел да добие и парична казна.
„Им се извинувам на сите за моето однесување“, додаде Ѓоковиќ откако ја пропушти шансата да се доближи на само две гренд-слем титули до рекордерот Роже Федерер.
И поранешнот тренер на Ѓоковиќ, Борис Бекер, кажа дека судиите исправно постапиле.
„Ова, веројатно, е најтешкиот момент во неговата кариера. Прекрши правило и казната е исправна“, изјави Бекер.
Надал и Федерер го откажаа настапот на Ју-Ес опен, па за првпат од 1981 година, во четвртфиналето ќе играат тенисери кои никогаш не освоиле гренд слем титула.