Јоаким Лев нема да добие отказ по поразот од Македонија

Фудбалската федерација на Германската (ДФБ) објави дека нема да го смени селекторот Јоаким Лев по поразот од Македонија од 1:2 во натпреварот од квалификациите за Светското првенство во 2022 година.

Минатиот месец, Лев објави дека ќе се повлече од селекторската позиција по Европско првенство што се игра летово, една година пред истекот на договорот. Но, откако Германија загуби од Македонија, се засили јавното мислење дека треба да се смени веднаш од селекторската позиција.

„Разочарувањето против Македонија не менува ништо во нашиот распоред. Јасно кажавме дека ќе имаме нов селектор кога наесен ќе продолжат квалификациите за Светското првенство и натаму нема ништо да коментираме“, изјави претседателот на федерацијата, Фриц Келер.

Директорот на Федерацијата, Оливер Бироф, откри дека името на наследникот на Лев ќе биде познато по ЕП.

„Се разбира дека не требаше да изгубиме од Македонија, но Лев има знаење и искуство успешно да го води тимот на Европското првенство. Тој е силно мотивиран неговото последно големо натпреварување како селектор да го претвори во успех“, додаде тој.

Scroll to Top