Кире Лазаров по рекорден седми пат ќе игра во завршницата на Лигата на шампиони

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров по седми пат ќе игра на завршницата од Лигата на шампионите. Лазаров со Нант синоќа во четвртфиналето го победија фаворитот Веспрен со 62:60. Покрај рекордниот број на настапи во Фајнл Фор, Лазаров го држи и рекордот на голови.

Лазаров во Скопје откри дека ќе игра уште една година, и тоа во дресот на Нант. Тоа го потврди и првиот човек на Нант, Пелетие.

„Чест ми е да објавам дека Кире Лазаров ќе игра уште една година во Нант“, изјави Пелетие.

Кире покрај сите рекорди кои ги сруши синоќа стана и првиот селектор кој ќе игра на една завршница. Тој во „Ланксес Арената” во Келн на Фајнл фор играше во дресот на Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Нант, како и трипати со Барселона.

Во сезоната 2014/15 македонскиот ас стана европски првак, а уште трипати играше финале за европска титула. Завршниот турнир на Лигата на шампионите сезонава се игра на 12 и 13 јуни во Келн.

Scroll to Top