Лазаров: Сакам да ја победиме Швајцарија на Велигден, за наша душа

Македонската сениорска репрезентација се подготвува за последниот шести натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство против Швајцарија в недела.

Оваа средба за нас нема резултатско значење, затоа што веќе изборивме место на Европското првенство, но, тренерот Кире Лазаров вели дека победата ќе им биде и повеќе од значајна, особено затоа што играат на еден голем празник Велигден.

Лазаров вели дека има желба да прослават и квалификациите да ги завршат со победа.

„Атмосферата е одлична, верувам дека на сите ќе им биде од големо значење да ја победиме Шајцарија. Јас веќе им напоменав на играчите, Швајцарија е екстра квалитетна репрезентација која на последното СП им направи проблем на сите големи селекции. Не се работи за истата селекција што ја победивме во октомври на гостински терен, имаат многу промени во играта, составот и на тактички план. Тешко е да се подготвиш за еден ваков противник, ова е голем предизвик и за нас како стручен штаб. Сакаме за душа на Велигден да одиграме квалитетен меч и победничко да го затвориме овој циклус,“ изјави Кире Лазаров.
Scroll to Top