Меси и Гвардиола ќе се сретнат еден против друг, познати групите за Лигата на шампиони

Вчера беше направена ждрепката за  Лигата на шампиони. Најголемо внимание ќе има мечот меѓу Пари Сен-Жермен и Манчестер сити, два клуба кои се познати по големата финансиска моќ благодарение на нивните газди, кои направија милијарди од нафтата.

Овој меч ќе биде интересен и по тоа што Лионел Меси повторно ќе се сретне со неговиот поранешен тренер во Барселона, Пеп Гвардиола, а доколку успее трансферот и на Роналдо од Јувентус кај „граѓаните“, тогаш би можело да има судар на двата најдобри фудбалери во светот.

Во групата ќе им прават „друштво“ бундеслигашите РБ Лајпциг, тим кој сигурно не е за потценување, како и белгискиот Бриж.

Барселона, пак, без Меси, ќе се судри во групата Е со Баерн Минхен, сигурно со сеќавања на неславниот 8:2 пораз минатата година, кој ги потврди сите проблеми во каталонскиот клуб. Интересно ќе биде и во групата Д, каде што италијанскиот шампион Интер ќе се сретне со „обновениот“ Реал Мадрид под водство на Карло Анчелоти. Дебитантот во натпреварувањето, Шериф, ќе им прави „друштво“ во групата со Шахтјор Доњецк.

„Пеколна“ исто така е групата Б, во која повратникот во натпреварувањето Милан ги доби Атлетико Мадрид, Ливерпул и Порто.

Scroll to Top