Поранешниот југословенски фудбалер, а подоцна и тренер Синиша Михајловиќ ги молел лекарите во болницата каде што престојувал да го пуштат да го проследи натпреварот на неговиот тим Болоња, тим со кој се натпреварува во италијанското фудбалско првенство Серија А.
Михајловиќ на 13 јули објави дека боледува од леукемија, а на 18 јули ја почна битката со тешката болест. Лекарите во болницата во Болоња пред неколку дена му кажале дека не можат да му дозволат да ја напутши болницата. Тоа би било премногу ризично, затоа што лекарските извештаи не биле на задоволително ниво.
Михајловиќ инсистирал да го пуштат, а потоа почнал да плаче од бес. Србинот им ветил на фановите и играчите дека ќе биде со нив кога сезоната ќе почне.
„Им ветив на фановите дека ќе се вратам и ќе станам. Знам сè за ризиците. Ќе се вратам за два дена!“, им кажал Михајловиќ на лекарите, кои по кратко време знаеле дека нема да можат да ја добијат оваа битка со него.
Тие го подготвиле за отпуштање. По кратко време неговите колена почнале да се тресат како резултат на тоа што претходните 40 дена ги минал во болница, во соба од шест квадратни метри. Но, Михајловиќ покажа сила и сите му се поклонија.
„Ви ветив на сите дека ќе бидам со вас. И тука сум. За некои сум будала кој излезе од болница. Но, јас сакав да бидам овде“, изјавил Михајловиќ на фудбалерите на Болоња кои биле во шок кога го здогледале во хотелот во Верона, каде ги минале последните часови пред мечот од 1. коло во италијанското фудбалско првенство.