Моите деца се мојот најголем успех, кажа Новак Ѓоковиќ откако викендов постави нови рекорди во Париз

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ рече дека неговите деца, Стефан и Тара се негов најголем успех, откако вчера во Париз ја освои рекордната 37. Мастерс титула и постави нов рекорд.

Тој победата над Данил Медведев во финалето во Париз ја прослави со синот и ќерката, за која рече дека е првпат на трибините. Ова беше шести пат Новак да победи на овој терен. Ѓоковиќ вели дека ваквите моменти го мотивираат да продолжи да игра.

„Тоа е нешто посебно. Благодарен сум и благословен што ја имам оваа можност и тоа е една од главните причини што продолжувам да играм тенис. Отсекогаш сум сонувал моите деца да бидат на трибини, доволно возрасни да разберат што се случува. Тоа е суштината на животот, да се споделуваат вакви моменти со најблиските. Моите деца се мојот најголем успех, моето најголемо богатство“, изјави Ѓоковиќ.

Новак седми пат во кариерата годината ќе ја заврши на првото место на АТП листата, со што го надмина рекордот на Пит Сампрас.

„Се сметам себеси за ученик на овој спорт и имам огромна почит кон сите претходни шампиони. Ми значи сè кога ќе успеам да надминам некого од нив, особено Пит Сампрас, кој ми беше идол кога бев мал“.

Scroll to Top