Надал се повлече од Вимблдон и од Олимпијадата во Токио

Еден од најдобрите светски тенисери, Рафаел Надал, потврди дека нема да настапи на годинешниот Вимблдон и на Олимписките игри во Токио.

„Здраво на сите, решив оваа година да не учествувам на Вимблдон и на Олимписките игри. Никогаш не е лесно да се донесе ваква одлука, но откога го слушнав своето тело и разговарав со мојот тим, ми стана јасно дека донесов вистинска одлука“, напиша Надал на социјалните мрежи.

По поразот во полуфиналето на „Ролан Гарос“, тој најави дека можеби нема да се натпреварува до крајот на сезоната.

„Целта е да ја продолжам својата кариера и да продолжам да го работам она што ме прави среќен, а тоа е да се натпреварувам и да се борам за личните и професионалните цели“, напиша тој и додаде дека паузата од само две недели помеѓу „Ролан Гарос“ и Вимблдон најмногу влијаела врз одлуката да се откаже од овој турнир.

Надал во кариерата има две титули на Вимблдон (2008, 2010), има златен медал во сингл на ОИ во 2008 година, а со Марк Лопез има златен медал во дубл на ОИ во 2016 година.

Scroll to Top