Наодите се лоши, се помирив со тоа, вели Ќиро Блажевиќ за новата борба со ракот

Тренерот над сите тренери, Мирослав Ќиро Блажевиќ, повторно се бори со рак на простата. Легендарниот хрватски фудбалски тренер кажа дека сега прогнозите не се добри. Болеста му беше првпат дијагностицирана уште пред десет години и тој двапати победи.

„Наодите се лоши. Лекарите ги уништија метастазите на три места, но ракот во меѓувреме се проширил на коски и ребра“, вели 86-годишниот Блажевиќ во интервјуто за весникот „Јутарњи лист“. Тој вели дека е  помирен со ситуацијата.

„Веќе некое време ги нема Томислав Ивиќ, Влатко Марковиќ и Ото Бариќ, а си замина и многу помладиот Цицо Крањчар, па не може јас да останам. Искрено јас се помирив со ситуацијата. Единствено сакам да заминам без болки, оти секогаш сум имал многу низок праг на толеранција на болка“, вели Блажевиќ.

Во кариерата од  шест децении, Блажевиќ, кого го викаат тренерот над сите тренери,  водеше 30.  клубови и репрезентации, што со Хрватска го освои третото место на Светско во 1998 во Франција.

Scroll to Top