Настани кои го одбележаа спортот во 2020 година

Пандемијата со коронавирусот за многумина го одреди текот на спортската година, но имаше и настани поради кои добро ќе ја паметиме 2020 година, а меѓу нив, за жал, има и неколку тажни.

Спортот претрпе тешки загуби во 2020 година, а пандемијата со коронавирусот особено влијаеше на оваа сфера во животот, затоа што моравме да се навикнеме на новите правила на натпреварување без публика, откажување на најголемите натпреварувања, како што се Олимписките игри, Европското првенство во фудбал и многу други големи настани.

Коронавирусот особено нападна и многу спортисти, однесе многу животи на луѓето во спортот, финансиски уништи голем број клубови и ги донесе на работ на егзистенција.

Сепак ова е мал осврт на настаните по кои особено ќе се памети 2020 година, а не се поврзани со коронавирусот. Спортскиот свет остана без два големи великани, луѓе кои важеа за најдобрите во своите спортови и за кои целиот свет плачеше.

Еден великан заврши во затвор, а бевме сведоци и на создавање историја на некои неверојатни резулати, прекини на повеќедецениски пост и освојување на титулата од страна на великани.

Ова се настаните кои ја одбележаа 2020 година, кога е спортот во прашање, а не се поврзани со корнавирусот.

Загубата на Коби Брајант

Коби Брајант загина на 26 јануари 2020 година. Светот остана без еден од најголемите кошаркари на сите времиња. Легендарниот кошаркар загина во хеликоптерска несреќа во планините околу Лос Анџелес во Калабазас. Неговиот хеликоптер поради слабата видливост се сруши во 9:45 часот по локално време. Со Коби беше и неговата 13-годишна ќерка Џијана.

Во несреќата настрадаа сите патници и пилотот. Покрај Коби и Џијана, во хеликоптерот беше и бејзбол-тренерот Џон Алтобели, неговата сопруга Кери и ќерката Алиса. Трагедијата предизвика тага во целиот свет.

Смртта на Диего Армандо Марадона

Уште еден ден во 2020 година ќе остане запаметен како црн ден во спортскиот свет, 25 ноември, денот кога почина Диего Армандо Марадона. Легендарниот аргентински фудбалер почина на 60-годишна возраст, во неговиот дом во Буенос Аирес. Неговата здравствена состојба беше нарушена неколку недели претходно, откако имаше операција на мозокот.

Медиумите во Аргентина пренесоа дека тој успешно заздравел од операцијата, но дека неговата смрт е поврзана со проблемите со срцето.

21 ден по операцијата од светот си замина, според многумина, најголемиот фудбалер на сите времиња. Од Марадона се простија милиони луѓе ширум светот. Во Аргентина дури избија и нереди пред градското собрание, каде што му беше оддадена почест.

Аутопсијата покажа дека Марадона немал никакви недозволени супстанци во себе, ниту консумирал алкохол во моментите пред смртта, додека срцето му било двојно поголемо од вообичаено.

Роналдињо во затвор

Светот на почетокот на март беше шокиран од информацијата дека во Парагвај беше уапсен Роналдињо, еден од најдобрите фудбалери во 21 век. Бразилецот заврши зад решетки со својот брат, затоа што се обидел да влезе во земјата со лажни документи.

Роналдињо се правдал дека пасошот го добил на подарок и дека не знаел дека тоа е недозвоелно. Неверојатни сцени стигнуваа од Парагвај тие денови. Командирите на полицијата кои го уапсија барале од него да направат заедничко селфи, а затворениците во дворот барале да игра во нивниот тим. Имаше моменти кога Роналдињо освои и печено прасе во турнирот кој го организираа затворениците.

По 32 дена во затворот, Роналдињо подоцна помина уште четири во домашен притвор во главниот град на Парагвај, Асунсино, по што на крајот беше пуштен на слобода. По излегувањето од притвор, Роналдињо се врати во Бразил.

Ѓоковиќ дисквалификуван поради ненамерно погодување на линискиот судија со топче

Најдобриот тенисер на светот доживеа дисквалификувација на УС Опен во 4. коло, кога случајно го погоди со топче линискиот судија Лара Кларк. Таа малку театрално реагираше и дополнително влијаеше на одлуката на организаторот да го дисквалификува Новак, пренесоа некои од медиумите.

Сето тоа се случи во финишот на првиот сет, кога Новак беше на чекор да го освои, но ја пропушти можноста и дозволи Пабло Карењо Буста да се врати во живот и да направи брејк. Ѓоковиќ ја изгуби концентрацијата, удри со топчето по поенот и, за негова несреќа, ја погоди во врат Лара Кларк. Правилата во тој случај беа сурови и бараа да биде дисквалификуван играчот.

Новак тоа тешко го поднесе, но брзо психички се созема и веќе на наредниот турнир во Рим, ја освои титулата и играше и во финалето на Ролан Гарос.

Претходно на почетокот на година го освои и Австралија опен, но случајот со судијата ќе биде нешто што најмногу ќе се памети во 2020 година, кога е тенисот во прашање.

Баерн Минхен ја победи Барселона со 8:2 во четвртфиналето во Лига на шампиони

Фудбалски, 2020 година ја одбележа и Баерн Минхен, кој ги освои сите можни трофеи. И Лига на шампиони, Бундеслига, Купот на Германија и Суперкупот на Европа, додека за титулата светски шампион ќе се бори од 1 до 11 февруари, затоа што натпреварувањето беше поместено поради пандемијата со коронавирусот и поместувањето на целиот фудбалски календар.

Особено спектакуларен Баерн беше во Лигата на шампиони во четвртфиналето, кое се одржа во Лисабон по турнирскиот модел со еден натпревар. „Баварците“ ја совладаа Барселона со 8:2 и ѝ го нанесоа најубедливиот пораз во модерната историја. Тоа беше шок каков што фудбалот го немаше видено.

Барањето на Меси да си замине од Барселона

Вистински земјотрес го стресе Камп Нои на 25 август, кога Лионел Меси испратил факс со барање за прекин на договодот. Аргентинецот не сакаше повеќе да игра за каталонскиот тим, поради лошото раководење и намалувањето на платата.

Сепак, челниците на Барселона со денови  го молеле Меси и на крајот успеале да го убедат да остане барем до крајот на сезоната. Сето тоа влијаеше на неговата психа и форма во новата сезона, но во последно време успеа да се издигне.

Во едно свое интервју, тој призна дека во моментов не знае каква ќе му биде иднината и дека на крајот на сезоната ќе одлучи што ќе прави.

Германците изгубија од Шпанија со 6:0 во фудбал

И тоа се случи во 2020 година. Главно Германците се тие кои важат за некој кој немилосрдно го разбива противникот, а уште се памети и како го понижија Бразил на Светското првенство во 2014. година, кога го победија со 7:1.

Сега на своја кожа почувствуваа како е кога противникот те гази и не застанува. Така, Шпанците предводени од Луис Енрике, во рамки на Лига на нации, славеа против Германија со 6:0. Феран Торес постигна хет-трик, а по еден гол дадоа и Мората, Родри и Ојарзабал.

Функцијата на селекторот на Германија по тој меч беше разнишана, но Фудбалскиот сојуз на Германија подоцна реши да го остави Јоаким Лев и понатаму на кормилото на репрезентацијата.

Ајакс победи со 13:0 во првенството на Холандија

Ајак с на 24 октомври победи во првенството на Холандија со 13:0 на гостувањето против Венло, а дел од историјата запишаа Траоре, кој постигна пет голови, по два дадоа Хунтелар и Екленкамп, додека останатите ги дадоа Тадиќ, Ентони, Блинд, Мартинез и Тадиќ.

Ливерпул стана шампион по 30 години

Фудбалерите на Ливерпул имаа сезона од сништата во Премиер лигата и убедливо ја освоија титулата со 18 бодови предност во однос на Манчестер сити. Клубот од Енфилд полни 30 години мораше да чека на титулата во Премиер лигата, а за тоа време го изгуби и епитетот на најтрофеен клуб од Англија, кој премина во сопственост на Манчестер јунајтед, кој сега има 20 титули, една повеќе во однос на Ливерпул.

Постоеше страв меѓу навивачите на Луверпул дека сезоната би можела да се прекине, во време кога изби пандемијата со коронавируот, но до тоа не дојде. Сепак, навивачите на Ливерпул не беа во можност во живо да гледаат како се пишува историјата, затоа што мечевите во продолжението се играа без публика. Но, откако „црвените“ и математички ја обезбедија титулата на 25 јуни, кога Сити изгуби од Челзи со 2:1, следеше голема прослава на навивачите пред Енфилд, иако во тоа време на сила беше забраната за собирање поради коронавирусот.

Лејкерси ја земаа титулата по 10 години, а Леброн му се доближи на Џордан

НБА е едно од ретките кошаркарски натпреварувања кои успеа да заврши во периодот на пандемијата. Челниците на најсилната кошаркарска лига целата лига ја преместија во „балон“ во Орландо во светот на Дизни, каде се одиграа преостанатите натпревари во регуларниот дел, како и плејофот.

Титулата на крајот ја освои Лос Анџелес Лејкерс, предводен од Леброн Џејмс. Во финалето беа подобри од Мајани со 4:2 во серијата. За Лејкерси ова беше 17. титула во историјата на франшизата, а прва по 10 години, која ја донесе токму Коби Брајант, чија загуба падна тешко на сите во тимот, особено на Леброн Џејмс, па титулата му беше посветена на „Црниот мамба“.

За Џејмс тоа беше четвртиот прстен во кариерата, а откако Лејкерси оваа сезона дополнително го засилија тимот, пак се главни фаворити за титулата. Сега веќе постои и реална можност, Леброн да го достигне рекордот на Мајкл Џордан со шест освоени титули.

 

Scroll to Top