Не се враќам во Иран за да трпам како судот му дава право на мажот да ја тепа жената, вели ракометарката Шагаје Бапири по бегството во Шпанија

Иранската ракоментарка и репрезентативка Шагаје Бапири (30) лани во декември побегна во Шпанија. Една недела по бегството, во интервју за Гласот на Америка (VOA) изјави дека не гледа иднина за ракометарките во Иран доколку не се променат условите за живот.

Бапири е долгогодишен член во клубот Сепахан, кој од 2015 година го финансира иранската влада, а беше една од најискусните ракометарки на оваа репрезентација на 25. Светско првенство во ракомет во Шпанија.

Таа го напушти хотелот „Серкотел Сорола Палас“ каде што беа сместени останатите репрезентативки и рече дека планира да бара азил во Шпанија, бидејќи не планира да се врати во Иран. Таа е единствена која остана во друга земја.

Таа за ВОА вели дека „законите што владеат“ во женскиот спорт во Иран ја натерале да донесе таква одлука, која исто така значи, дека семејството ќе треба да плати околу 35.000 долари кои ги дале како залог кога таа го напуштила Иран. Таму постои закон, каде се користи имотот на спортистите како залог за враќање дома.

Според неа, да не постоел тој закон, никоја од ракометарките немала да се врати дома.

„Одбив да се вратам во Иран бидејќи таму се случуваат работи кои се толку лоши што едноставно не може да се прифати. Сакам да одам на друго место. Еве еден пример, да ви кажам нешто за нашиот прв натпревар против Романија. Мојот противник несвесно ми го симна хиџабот од глава, а не можете да замислите како потоа се однесуваше со мене директорот на репрезентацијата. Сè на сè, не можам да го прифатам тоа и затоа останувам во Шпанија“, додаде таа.

Таа вели дека во Иран постои огромна разлика меѓу мажите и жените, а тоа го објасни со малку неверојатен пример.

„Ние жените многу страдаме во Иран и во нашето општество има огромни разлики меѓу мажите и жените. Ќе ви дадам еден пример кој воопшто нема врска со спортот. Мојата сосетка беше редовно тепана од нејзиниот сопруг, а кога конечно собра храброст и поднесе тужба против него, судијата во судот ѝ рече: „Госпоѓо, во Иран сопругот има право да ве тепа еднаш годишно“. После тој одговор, таа се откажа од разводот, од адвокатот и од сè останото. Беше шокирана“, вели Бапири.

 

 

Scroll to Top