Првиот „Адрија тур“ во организација на Новак Ѓоковиќ заврши предвреме, откако неколку тенисери што учествуваа на турнирот се заразија со коронавирус. Дека има корона прв објави Григор Димитров, а потоа и Борна Чориќ. По ова беше откажано финалето на турнирот во Задар, а за корона се тестираа скоро сите тенисери и нивните соработници. Дека се позитивни на Ковид-19 денес дознаа и Ѓоковиќ и Виктор Троицки.
Новак, кој се зарази на хуманитарниот турнир што го организираше самиот, јавно им се извини на сите што се заразиле заради него, велејќи дека сè што направил било со чисто срце и искрена намера да помогне.
„Веднаш по доаѓањето во Белград отидовме да се тестираме. Мојот тест и на Јелена се позитивни, а на децата негативни. Сѐ што направивме во изминатите месец дена го правевме со чисто срце и искрени намери.
Нашиот турнир беше од хуманитарен карактер со идеја да им помогнеме на тенисерите од регионот, да овозможиме услови за играње, да остварат приходи и да го пребродат тешкиот период. Организиравме турнир во период кога вирусот ослабе.
Жал ми е за секој поединечен случај на зараза. Ги следам изјавите на докторите и се надевам дека бројот на заразени случаи нема да се зголеми. Се надевам дека нема да се искомплицира ничија здравствена состојба. Јас ќе останам во изолација наредните 14 дена и ќе го повторам тестот за 5 дена,“ стои во изјавата на Ѓоковиќ.
По ова турнирот е целосно откажан, иако според првиот план требаше да се игра на уште две места, во Бања Лука и во Сараево. Првиот дел од турнирот се одржа во Белград, а потоа се играше во Задар.
Во текот на турнирот тенисерите беа во контакт со многу фанови, спортски работници и новинари, а се журкаа и во познати ресторани и клубови, во кои настапуваа популарни пејачи од регинот.
Српските медиуми пишуваат дека по турнирот, најмалку 300 лица се во изолација, а дел од нив уште чекаат резултати. Светските медиуми, пак, уште од почетокот на „Адрија тур“ го напаѓаа Ѓоковиќ, со кометар дека организира турнир во време кога владее светска пандемија, но уште полошо, што натпреварите се играат пред публика во полни сали.