Миралем Пјаниќ, репрезентативецот на Босна, следната сезона ќе игра за Барселона, пренесоа шпанските медиуми. Тој во каталонскиот клуб ќе го замени Бразилецот Артур.
Триесетгодишниот Пјаниќ потпиша четиригодишен договор со Барселона, а од клубот направија и клаузула за откуп вредна 400 милиони евра. Претходно тој играше четири сезони во дресот на Јувентус, а со клубот има шанса да ја освои и четвртата титула во Серија А.
Пјаниќ е роден во Тузла во 1990 година, но никогаш не играл фудбал во својата татковина. По почетокот на војната во БиХ, тој со родителите избегал во Луксембург. Таму почнал да тренира фудбал на седумгодишна возраст. На 14 години станал дел од клупската академија на Мец, оттаму се пресели во Лион, а во 2011 година потпиша за Рома. Пет години потоа почна да игра во Јувентус за 32 милиони евра.
Иако играше за младите селекции на Луксембург, тој во 2008 избра да настапува за репрезентацијата на БиХ.