Од Севилја до Баку – Европското првенство се игра на растојание од над 4.700 километри

Европското првенство во фудбал се игра една година подоцна од предвиденото, во единаесет држави, со единаесет земји домаќини. Шампионатот го отворија Италија и Турција на „Олимпико“ во Рим, а финалето ќе се игра на „Вембли“ во Лондон.

Сепак, ова првенство по многу работи е уникатно и поинакво од сите претходни.

Првенството е замислено како прослава на 60-годишнината од одржувањето на првото првенство. Првично беа избрани 12 држави домаќини, но Ирска отпадна поради неможноста да гарантира дека ќе има гледачи на стадионите.

Натпреварите ќе се играат од Севилја на западот на континентот до Баку на истокот, на далечина од 4.766 километри. Фудбалерите и навивачите ќе мора да патуваат многу за да стигнат на сите натпревари на својата репрезентација. Па, така, швајцарските фанови што сакаат да ги гледаат сите три натпревари од првото коло, ќе треба да поминат над 20.000 километри зашто распоредот на нивната репрезентација е Баку – Рим – Баку.

Други домаќини се Лондон, Глазгов, Амстердам, Букурешт, Копенхаген, Минхен, Санкт Петербург, Севилја и Будимпешта.

Навивачи ќе има на сите 51 натпревар, а дозволениот капацитет на стадионите, за што решаваат одделни региони/држави, а не УЕФА, ќе се движи од 22 до 100 %, колку што најави Будимпешта.

Секој град има свои правила, но на сите стадиони ќе мора да се носи маска, а од фановите ќе се бара да бидат на своите места што е можно повеќе за да не се мешаат.

Првпат во историјата Шпанија ќе настапи на едно големо натпреварување без играч на Реал Мадрид во тимот откако и Серхио Рамос отпадна поради повреда.

Триесет и осумгодишниот холандски голман Мартен Стекеленбург е највозрасниот учесник на ЕП, а најмлад е Полјакот Кацпер Козловски, кој во октомври ќе наполни 18 години.

Македонија и Финска дебитираат не само на европските првенства, туку и на големите натпреварувања воопшто.

Scroll to Top