По смртта на татко му, на Бразилецот Адријано му пропадна фудбалската кариера

На денешен ден 1982 година е роден еден од најдобрите бразилски фудбалери Адријано Леите Рибеиро. Тој беше еден од најдобрите фудбалери во светот сè до моментот кога не го изгуби татка си и целата негова кариера почна да паѓа надолу.

За неговиот живот се врзуваат голем број приказни, од тоа дека е голем пијаница, дека бил маѓепсан од вештерка, па сè до таму дека е член на една од најозлогласените банди во Бразил во Рио де Жанеиро.

Популарниот император, додека играше за Парма и Интер, редовно ги тресеше противничките мрежи. Медиумите во Италија за него пишуваа дека беше нерешлива енигма за одбранбените противнички играчи. Но, по загубата на татко му, тој стана пијаница и фудбалската кариера му заврши катастрофално.

Адријано никогаш не криел дека имал тешко детство. Пораснал во делови во Бразил во кои пустошеле некои од озлогласените диви банди. Неговиот татко Аимир имал желба да го однесе на прав пат и да стане славен фудбалер.

Еден ден, враќајки се од тренинг, двајцата наишле на жестока пресметка меѓу полицијата и неколку дилери на дрога. Во престрелката Аимир бил погоден во главата. Тој, за среќа, преживеал, но куршумот му останал во главата. Аимир изјавил дека тој му бил како еден вид сувенир.

Неговиот сон му се исполнил 12 години по несреќата кога Адријано стана врвен напаѓач. По сјајната епизода во дресот на Парма, Бразилецот направи трансфер во Интер. Веднаш стана миленик на навивачите од Милано. Отсекогаш велел дека уживал на теренот додека игра.

Работите биле иделани за него сè до моментот кога Аимир ќе добие срцев удар и ќе почине.

„Смртта на мојот татко ме уништи. Постојано бев пијан. Се изолирав. Се гледав во Италија сам, тажен и депресивен. Почнав да пијам. На тренинзите доаѓав пијан. Ќе ме однесеа да отспијам, а потоа ќе пријавеа дека сум повреден“, изјавил Адријано пред новинарите.

Смртта на татко му целосно го уништила. Адријано вели дека бил среќен само кога бил пијан.

„Пиев виски, вино, вотка, пиво. Пиев многу пиво. Не можев да престанам и морав да го напуштам Интер. Знаев дека проблем беа луѓето околу мене. Луѓето што ме водеа на забавите на кои имаше многу жени и алкохол. Не можев да мислам на ништо друго. Се вратив во Бразил, се откажав од милионите, но успеав повторно да ја пронајдам среќата“, изјавил Адријано.

Интер се обиде да се врати во живот поради својот голгетер. Од клубот ангажирале и психолози, психијатри, но без никаков резултат. Тогаш управата решила да му даде отказ. Адријано заминал во пензија. Тој се повлече од фудбалот на 27 години.

Но, пензијата не му траеше долго. По еден месец, потпишал за Фламенго. Имаше добри настапи и го одведе бразилскиот тим до титулата во 2009 година. Но, не се одрече од својот ноќен живот. Претседателот на Фламенго во јавноста го укорил поради неговите пороци.

Недолго потоа Адријано пред судот морал да сведочи дека не позајмувал пари од Фабијано Атаназија да Силва, истакнат член во „Команда Вермелја“ или позната како „Црвената команда“, една од најозлогласените бразилски банди.

Адријано набргу потоа повторно се враќа во Италија. Овој пат да игра за тимот на Рома. И покрај сите скандали, управата на „римската волчица“, реши да го ангажира.

Во дресот на Рома, Адријано издржа седум месеци. Одигра пет натпревари, а по краткиот престој во Италија, тој повторно се врати во Бразил. Неговиот поранешен агент Гилмар Риналди во тој период изјавил дека бил многу загрижен за животот на Адријано.

„Се гледаше дека му е потребна помош. Не ме интересираше неговата фудбалска кариера. Ме интересираше исклучиво тој. Знаете, Адријано ми беше како син. Тој со години беше во тешка депресија и никој не сакаше да му помогне. Оргиите и дружењата со бандите не беа изворот на проблемите, туку последици. Депресијата е виновна за сè. Не знам дали размислуваше за самоубиство, но знам дека му беше потребна помош“, изјавил Гилмар.

Адријано ги потрошил сите пари и се вратил кај мајка си да живее во еден од најопасните краеви во Бразил. Му беше одземена луксузната вила во Рио де Женеиро, па изјави дека морал да се бори и против црната магија.

И покрај бурниот социјален живот, тој најде време да се пресмета со една вештарка, која го избрала за жртва во еден обред на црна магија во Јужна Америка, позната како Макумба.

„Знам дека постои вештерка која ми фрли црна магија. Но, тоа нема да ѝ успее затоа што Бог е поголем. Подобро би било да води сметка за својот живот. Дознав дека е жена, но не ѝ се лутам. Ја жалам. Моето семејство секој ден се моли за мене и тоа ме спаси од неа“, изјавил Адријано во едно од видеата што ги снимил.

Адријано сега е принуден да ги плаќа бандите во Рио да се грижат за него и за мајка му. Поранешната фудбалска ѕвезда сега се дружи со познати дилери во Бразил.

Пред неколку години организирал забава во еден мотел на познатата плажа Копакабана во Рио де Жанеиро, а изнајмил и 18 проститутки, кои ги платил 30.000 евра.

По ангажирањето на проститутките, претседателот на борделот, кој се наоѓал во близина, изјавил дека привремено морал да го затвори својот локал. Вели дека тоа предизвикало револт кај неговите муштерии.

„Адријано дојде со неколку пријатели и ми ги зеде сите проститутки. Тоа предизвика гнев кај моите постојани муштерии“, изјавил сопственикот на борделот за тамошните медиуми.

Контроверзниот Бразилец, чија кариера ја одбележаа многубројни испади надвор од теренот, како што се алкохолот, депресијата и дружењето со криминалци, во повеќе наврати имал можност да му се врати на фудбалот, но безуспешно.

Scroll to Top