Полска атлетичарка која го победи ракот го продава среброто од Токио за да ја плати операцијата на тешко болно бебе

Полската атлетичарка Марија Андрејчик (25), која освои сребро во фрлање копје на Олимпијадата во Токио, ќе го стави на аукција медалот за да ја плати операцијата на тешко болно бебе. Милош има ретка комбинација на проблеми со срцето и вените и единствената надеж да преживее е операција во САД, која чини околу 330.000 евра.

Марија (25). која пред три години го победи ракот, веднаш по Олимпијадата откри дека планира да го продаде сребрениот медал во хуманитарни цели.

„Не ми требаше многу време да се одлучам. Тоа беше првата акција за собирање средства што ја видов и веднаш знаев дека е вистинската. Бебето има сериозна срцева мана и има потреба од операција. Сребрениот медал ќе го продадам за него“, изјави Андрејчик.

На Андрејчик пред три години ѝ беше дијагностициран рак на коски, поради кој имаше операција и хемотерапии. Откако ја победи болеста, таа повторно почна да спортува. Таа беше фаворит за златото во фрлање копје во Токио, на крајот заврши на второто место, зад Кинеската Шијин Лиу.

Scroll to Top