Принцот на Саудиска Арабија го купи англискиот клуб Њукасл

Британски конзорциум, зад кој стои Мохамед Бин Салман, најбогатиот шеик и принц престолонаследник на Саудиска Арабија, го купи англискиот премиерлигаш Њукасл. Тој плати 300 милиони евра. Со ова клубот и официјално доби нови газди по 14-годишното владеење на досегашниот газда Мајкл Ешли.

Саудискиот принц речиси една година се обидуваше да го купи клубот, но имаше разни блокади. Откако проблемите се разрешија, конзорциумот Паблик инвестмент фунд, ПЦП Капитал партнерс и РБ Спортс и Медија, на чие чело е англиската бизнисменка Аманда Ставели го презедоа клубот и откупија 80 отсто од акциите.

Одлуката за преземање на клубот доаѓа откако биле обезбедени гаранции дека државата нема да стои зад Њукасл, туку клубот ќе биде во приватна сопственост на шеикот. Ова не е случај со Манчестер сити, зад кој стои емирот од Абу Даби, и ПСЖ, зад кој стои цел Катар.

„Горди сме што станавме нови сопственици на Њукасл, еден од најславните англиски клубови. Им благодариме на навивачите за поддршката. Во наредните години ќе работиме заедно за да го подобриме тимот“, објавија новите газди.

Принцот престолонаследник на Саудиска Арабија има богатство од 320 милијарди фунти, а проблемот околу преземањето беше поради неговиот ПИФ-инвестициски фонд околу пиратските стриминзи на премиерлигашките натпревари во неговата земја, но и фактот дека Саудиска Арабија не ги почитува човековите права, посебно правата на жените.

Scroll to Top