Рафаел Надал му призна на Новак дека е совршен тенисер иако му е најголем ривал

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал во последното интервју дадено за јапонските медиуми, рече дека Новак Ѓоковиќ е совршен тенисер. Рафаел и Новак отсекогаш важеле за големи ривали, а Надал низ годините често го критикуваше Новак, неговата игра, но и однесувањето надвор од теренот. Затоа неговата изјава изненади многумина.

„Ѓоковиќ е совршен и беспрекорен играч. Може да игра на која било површина. Тој е неверојатно доследен и упорен. Оваа година, дури и кога изгледа дека е во лоша форма, неговата желба за победа ја надополнува слабата игра“, рекол Надал.

„Веќе не треба да постои дилема за тоа кој е најдобриот тенисер во светот на сите времиња. Пофалбите од Рафа се доволен доказ за тоа“, пишуваат српските медиуми по изјавата на Надал.

За многумина Новак и Рафаел се најголемите тениски ривали во историјата. Освен што освоија најмногу Грен слем титули, заедно со Роџер Федерер, тие го делат и првото место на освоените мастерс турнири, а одиграа и најмногу меѓусебни дуели на турнирите, 58.

Нивниот последен натпревар беше годинава во полуфиналето на Ролан Гарос кога Ѓоковиќ победи 3-1 по сетови. Тоа беше 30. победа на Ѓоковиќ против Надал.

Scroll to Top