Ракометарките на плажа веќе не мора да играат во секси бикини

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ги промени правилата и одлучи ракометарките на плажа да не мора да играат во секси бикини откако изминатите месеци беше критикувана за сексизам.

Првиот спор се појави на Европското првенство во јули кога норвешката репрезентација беше казнета со 1.300 евра зашто нејзините ракометарки играа во шорцови место во гаќички за плажа. Казната беше оценета како сексистичка и доведе до апели да се укине задолжителниот дрес код на овие натпревари. Американската пејачка Пинк дури се понуди да им ја плати казната на Норвежанките.

Во септември владини министри од Данска, Финска, Исланд, Норвешка и од Шведска побараа од ИХФ да направи ревизија на своите правила за дресовите во согласност со родовата еднаквост.

Во најновите правила на ИХФ за ракомет на плажа, објавени на 3 октомври, веќе не се спомнуваат бикини, туку се вели дека ракометарките може да носат велосипедистички шорцови и тесни маици на прерамки. Ракометарите може да носат шорцови, кои не се прешироки, но да бидат десет сантиметри над колената.

Scroll to Top