Разделбата со Барселона беше тешка, но сега повторно сум среќен, рече Меси по потпишувањето за ПСЖ

Сега веќе поранешниот фудбалер на Барселона, Аргентинецот Лионел Меси, рече дека разделбата со Барселона му паднала тешко, но дека по пристигнувањето во Париз во тимот на ПСЖ, тој повторно е среќен.

Тој синоќа потпиша двегодишен договор со францускиот тим, вреден 35 милиони евра од сезона плус бонуси. Тој ја реши својата иднина неколку дена откако челниците од каталонскиот клуб му кажаа дека мора да си замине. Тимот не можел да го задржи поради големите долгови.

„Знаете дека заминувањето од Барселона беше тежок момент за мене, но од моментот кога пристигнав во Париз се чувствувам среќно и едвај чекам да почнам со тренинзите и со ова ново поглавје од мојот живот. ПСЖ беше брз во преговорите и сè помина лесно. Сè уште имам голема желба за играње и докажување. Клубот и јас имаме иста цел – освојување сите можни трофеи и сигурен сум дека јас и моето семејство ќе уживаме овде. Ќе играм со најдобрите играчи на светот“, рече Меси на својата прва прес-конференција по доаѓањето во Париз.

Меси во ПСЖ ќе го носи дресот со бројот 30, но засега не е познато кога ќе настапи првпат во новиот клуб.

„Бев на одмор и првин ќе почнам со тренинзи. Ќе заиграм кога стручниот штаб ќе заклучи дека е време. Сè што ми се случи оваа недела беше тешко, брзо и емотивно, но нестрплив сум да видам каков ќе биде овој мој нов живот. Се надевам дека добро ќе се вклопам“.

Во Париз владее вистинско лудило откако беше потврдено доаѓањето на Меси и голем број фанови се собраа пред стадионот на ПСЖ за време на прес-конференцијата.

„Ова е неверојатен и историски ден за клубот, фудбалскиот свет и за сите нас. Сите го знаат Лео. Тој го прави фудбалот прекрасен и магичен и е победник. Кога го почнавме овој проект пред десет години, нè прашуваа што планираме со него. Многу се гордееме со тоа каде се наоѓаме сега“, рече претседателот на ПСЖ, Насер ал-Келаифи.

Scroll to Top