Италија ја тресе нов скандал, а Кристијано Роналдо е главниот виновник за тоа. Како што пренесе „Газета дело спорт“, португалскиот ас го предводел бунтот на играчите на ФК Јувентус веднаш по неодиграниот натпревар со Наполи минатиот викенд.
И, несомнено, тој ќе биде казнет затоа што не само што го прекршил утврдениот протокол за спречување на ширењето на пандемијата на новиот коронавирус САРС-КоВ-2, туку тој на своја рака ја напуштил изолацијата, заминал дома и се ставил на располагање на националниот тим, а и други sвезди на Јуве ја следеле неговата постапка.
Имено, кога беше откриено дека двајца вработени во клубот, кои не се во стручниот штаб, и не се дел од играчкиот кадар, се заразени со новиот коронавирус, целиот тим на Јувентус мораше да се изолира според сегашните медицински прописи во италијанскиот фудбал. За такво нешто, планиран е неговиот „Ј хотел“, кој се наоѓа веднаш до тренинг центарот „Ла Континаса“.
На Роналдо не му паѓало на ум да остане во таква изолација долго време, бидејќи само ден претходно, како и сите други членови на тимот, тој беше негативен на тестирањето, и не сакаше да го пропушти репрезентативното дерби со Франција.
Кога играчите на „старата дама“ по втор пат беа негативни на тестот, требаше да останат во „меурот“ и да го чекаат третиот тест, но Роналдо едноставно решил да си замине.
Тој гласно се побунил пред своите соиграчи, но и челниците на клубот, заминал, отишол да ја помине ноќта дома со семејството, а еден ден подоцна заминал во Португалија за да игра против Шпанија на пријателски натпревар.
Бунтот на Роналдо ги „крена“ и неговите соиграчи, па така карантинот го напуштија Пауло Дибала, Родриго Бентанкур, Данило, Мерих Демирал и Хуан Квадрадо, кои заминаа во своите репрезентации, додека легендарниот голман Џанлуиџи Буфон само си замнал дома.
Раководството на Јувентус ги информираше властите во италијанскиот фудбал за нивното однесување, и решија да почекаат тие да се вратат и да одлучат за нивните казни.