Бизнисменот Сергеј Самсоненко, почна да го враќа долгот на ФК Вардар од 3.5 милиони евра. Тој уплати 350.000 евра за да се подмират дел од долговите на клубот и да се тргне забраната за трансфери, која се активираше откако Вардар доби тужба од украинскиот играч Евгениј Новак.
Самсоненко го исплатил долгот кон Новак, кој си замина летоска, а го тужеше Вардар за неисплатени плати. Клубот беше казнет и со забрана за трансфери во два преодни рока, но сега веќе ќе може да купува нови фудбалери. Со парите од првата уплата се исплатени и некои од долгувањата што ги имала Академијата на Вардар.
Самсоненко го презема фудбалскиот клуб во јануари 2014 година. Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, се преговара за нов партнер и инвестир во клубот, но тоа може да се реализира само ако рускиот бизнисмен го врати долгот на клубот.
„Да не се лажеме и да мислиме дека некој ќе дојде и ќе плати 3,5 милиони евра долг. Преговараме со стратешки партнер за Вардар, веќе сме во комуникација со нив, но јас претпочитам Самсоненко да ги врати долговите и да го врати клубот како што го зема – со чиста сметка“, рече пред неколку дена Шилегов.
За да почне да игра во пролетната полусезона, Вардар ја одблокира сметката, откако на клубот му беше простена камата која ја имаше кон Јавното претпријатие за станбен и деловен простор, а Владата одобри финансиска помош од скоро 100.000 евра за да се одблокира сметката и да се исплатат плати на фудбалерите, пренесува порталот „Спорт 1“. Преку навивачката акција „купи карта за спас за Вардар“ се обезбедени дополнителни 50 илјади евра.