„Што бара Јувентус во Суперлигата кога беше исфрлен од Ајакс, Лион, Порто“, прашува норвешкиот селектор

Селекторот на Норвешка, Стале Солбакен, остро застана против создавањето на новата Суперлига, во која треба да играат 12-те најдобри и најбогати фудбалски клубови во Европа.

Тој вели дека планот е да се одделат од остатокот од континентот и да играат меѓу себе, но дека во никој случај тоа нема да биде првенство со најдобрите клубови.

„Може да се каже дека станува збор за 12-те најмоќни клубови, заедно со Баерн Минхен и ПСЖ, кои не се согласија на ваквата идеја, но никако и 12 најдобри“, вели Солбакен, кој особено се осврна на италијанскиот шампион Јувентус.

Солбакен вели дека уште од почеток го има изнервирано целата оваа приказна со Суперлигата, па почна да пцуе пред новинарите. Тој вели дека првиот човек на Јувентус е креатор на целата оваа ситуација.

„Андреа Ањели беше иницијатор на оваа идеја со години. А зошто Јувентус би бил воопшто дел од таквата лига кога во последните сезони, овој тим од Лигата на шампионите беше исфрлен од тимови како Лион, Порто и Ајакс. Што сакаат тие? А што треба да кажат од Тотенхем и Арсенал, кои не се меѓу 30-те најдобри клубови во Европа во моментот?“, прашува Солбакен.

Голем број фудбалски експерти велат дека неговите зборови немаат некоја специфична тежина, но тешко е да се оспори ова што го кажа затоа што резултатите што Јувентус ги постигнува одат во негов прилог.

Scroll to Top