Синот на Михаел Шумахер првпат ќе вози на Формула 1 викенд

Мик, синот на германскиот шампион Михаел Шумахер, ќе биде еден од тројцата млади возачи од академијата на Ферари што ќе учествува на следниот Формула 1 викенд. Ова ќе биде негово деби меѓу најдобрите во овој спорт.

21-годишниот Мик ќе вози на тренинзите за трката за Големата награда на Ајфел, што ќе се одржи на патеката Нирбургринг. Тој ќе вози болид на тимот на Алфа Ромео, кој соработува со Ферари.

„Пресреќен сум што ја добивам оваа шанса. Фактот што моето прво учество во Ф1 викенд ќе се случи пред мојата домашна публика го прави овој момент уште попосебен“, рече синот на седумкратниот светки првак.

Мик ја почна тркачката кариера во картинг, а откако во 2018 година го освои Европското првенство во Формула 3, почна да вози во Формула 2, каде што моментално е лидер. Лани во јануари стана член на Возачката академија на Ферари.

Мик Шумахер е помалото дете на легендарниот Ф1 возач, кој има и ќерка. Михаел пред повеќе од шест години имаше тешката скијачка несреќа и оттогаш во јавнотса никој не знае каква е неговата вистинска состојба.

Scroll to Top