Tим од непризнатата држава Tранснистрија, која важи за шверцерски рај, вечерва ќе дебитира во Лигата на Шампиони

Tимот на Шериф, од непризнатата држава Tранснистрија, која важи за шверцерски рај, вечерва ќе дебитира во Лигата на Шампиони. Шериф ќе му гостува на украинскиот тим Шахтар, меч во групата Ф, во кој се уште и Реал Мадрид и Интер.

Ова ќе биде прв натпревар во елитното фудбалско натпреварување, во кој ќе настапи тим на непризната држава. Во тимот што вечерва ќе игра против Шахтар има играчи од Перу, Тринидад и Тобаго, Малави, Луксембург, Гана, Узбекистан и Бразил.

За Шериф од оваа сезона настапува и македонскиот репрезентативец Бобан Николов.

Шериф игра во молдавската лига од 1999 година и оттогаш има освоено 20 шампионски титули. Сопственик на клубот е најголемата локална приватна фирма „Шериф компани“, чиј годишен обрт е двојно поголем од буџетот на државата.

Шериф игра на стадионот од 200 милиони долари, изграден на периферијата на Тираспол, главниот град на Транснистрија, место кое се наоѓа до границата со Украина, а кое според меѓународното право ѝ припаѓа на Молдавија.

Земјата се формираше по кусата војна во 1992 година, почната од сепаратисти поддржани од Русија, во која загинаа околу 1.000 луѓе. Самопрогласената држава источно од реката Днестар сè уште од никого не е призната. Таа има своја сопствена валута, приднестарска рубља.

Оваа валута не важи никаде во светот и никаде не може да се размени. Не можете ни да се јавите од Молдавија, затоа што нема телефонски сигнал. Во земјата владеат корупција, организиран криминал и шверц.

Се верува дека во изминатите години биле изнесени милиони долари преку границата со Украина. Во исто време, зградите и патиштата во Тираспол се распаѓаат и градот е типично советски сив.

 

 

Scroll to Top