УЕФА го избра најдобриот тим на Евро 2020

Тим од стручни лица, што ги удреди УЕФА, ги избра најдобрите 11 фудбалери на Европското првенство. Во идеалниот тим има петмина Италијанци, а за изненадување беше тоа што во овој тим ги немаше најдобрите стрелци на Европското, Кристијано Роналдо и Патрик Шик.

Во идеалниот тим се голманот Џанлуиџи Донарума од Италија. Во одбраната се Кајл Вокер од Англија, Леонардо Бонучи од Италија, Хари Мегваер од Англија и Леонардо Спинацола од Италија.

Во средниот ред играа Пјер-Емил Хејбјерг од Данска, Жоржињо од Италија и Педри од Шпанија, а во нападот избрани се Федерико Кјеза од Италија, Ромелу Лукаку од Белгија и Рахим Стерлинг од Англија.

Во тимот експерти, кој беше одреден од УЕФА, беа: Патрик Бонер, Естебан Камбијасо, Фабио Капело, Космин Контра, Корин Диакр, Жан-Франсоа Домерк, Душан Фитцел, Штефен Фројнд, Франс Хук, Аитор Каранка, Роби Кин, Хинес Мелендес, Дејвид Мојс, Мика Паателаинен, Петер Рудбек и Вили Рутенштајнер.

 

Иако и Роналдо и Шик имаа ист број голови, Португалецот ја доби наградата за најдобар стрелец, затоа што имаше една асистенција повеќе.

Наградата за најдобар играч на првенството ја доби италијанскиот голман Донарума и тоа е првпат во историјата на европските првенства голман да ја освои оваа награда.

Наградата за најдобар млад играч, која се доделува вторпат по воведувањето во 2016, ја доби 18-годишниот Шпанец Педро Гонзалес Лопес, попознат како Педри.

Најдобар асистент на ова првенство беше Стивен Цубер од Швајцарија (4). Најмногу натпревари без примен гол имаше англискиот голман Џордан Пикфорд (5). Најстар стрелец на ова првенство беше Горан Пандев со 37 години и 321 ден, а најмлад стрелец на гол беше Микел Дамсгард од Данска со 20 години и 353 дена.

Најмногу жолти картони доби Гжегож Криховјак од Полска и Хари Мегваер од Англија (3), а најбрзиот гол го постигна Емил Форсбериј од Шведска уште во првата минута и 22 секунди од мечот против Полска.

Scroll to Top