(Видео) „Бевме исплашени и гладни, тогаш во соблекувалната влезе Звонимир Бобан и ни кажа дека сѐ ќе биде во ред“, Пикси откри за агонијата на Максимир од пред 30 години

Пред триесет и една година, на 13 мај 1990, на стадионот Максимир во Загреб се случија нереди за кои многумина сметаат дека биле вовед во распадот на Југославија.

Неодиграниот фудбалски натпревар меѓу Динамо Загреб и Црвена звезда пркатично ја најави крвавата војна на просторите на поранешна Југославија.

Драган Стојковиќ Пикси, селекторот на репрезентацијата на Србија, тогаш фудбалер на Црвена звезда, по повеќе од три децении се потсети на спомените на тој страшен настан во Загреб.

Пикси во разговор за српските медиуми откри што се случувало во соблекувалната на Максимир.

„Бевме уплашени, барем јас, зборувам во мое име. Јас бев уплашен. Кога избегавме во соблекувалната, таму останавме речиси до полноќ. Не можевме да излеземе. Имаше една маса за масирање и едно прозорче од каде што можеше да се види помошниот терен. Максимир има голем помошен терен. Се сеќавам дека го зедов столот, го ставив на масата, па се качив да видам што се случува. Кога ја видов сликата, не се чувствував пријатно. Целиот терен беше преплавен со луѓе. Како да имаше 100.000 луѓе таму и буквално како да нè чекаа пред соблекувалната“, открива Пикси.

Фудбалерите на Црвена звезда биле заклучени во соблекувалната.

„Подоцна, од час во час, како времето минуваше, луѓето се разотидоа и останаа помалку во толпата. Во еден момент, околу 10 или 11 часот вечерта, сѐ остана празно. Но, ние и понатаму останавме во соблекувалната“, вели Стојковиќ.

Нередите на Максимир ги одбележа потегот на Звонимир Бобан, кој удри еден од припадниците на полицијата, Рефик Ахметовиќ, затоа што неговите колеги ги тепаа навивачите на Динамо Загреб. Но, Пикси вели дека хрватскиот фудбалер таа вечер направил сјаен потег.

„Се сеќавам дека Бобан влезе во соблекувалната. По половина час, тој влезе да се поздрави. Ни рече дека сѐ ќе биде во ред. Ние останавме до полноќ, бевме гладни, затоа што натпреварот требаше да се одигра во четири или пет часот попладнето. Се случи тоа што се случи. Тоа е сега историја. Дел од настаните може сега да се видат на ‘Јутјуб’. Но, воопшто не беше пријатно“, открива Пикси.

Стојковиќ од свој агол објасни што се случувало на теренот и како играчите на Црвена звезда побегнале во соблекувалната од каде што не излегле со часови. Фудбалерите од тимот од Белград се загревале во близина на шеснаесетникот и во еден момент оградата паднала, а навивачите почнале да влегуваат на теренот.


„Кога ја видов толпата  како почна да трча кон теренот знаев дека повеќе нема никаква контрола. Во тој момент на играчите им кажав буквално да се избришат од теренот, затоа што ќе биде хаос. Во тој момент сите играчи се свртеја, бевме во некоја полулежечка положба. Веднаш збришавме кон тунелот. Јас веќе го видов теренот преплавен со луѓе. Застанав пред тунелот, да погледнам затоа што бев на сигурно. На местото каде што бев никој не смееше да нè допре, но видов дека случува хаос. Не знам ни зошто влегоа, но веднаш се виде дека  повеќе нема да се игра фудбал. Тоа сите го знаевме“, вели Пикси.

Фудбалерите биле заклучени во соблекувалната до полноќ. Едвај некако успеале да ја напуштат Хрватска, а велат дека биле исплашени и гладни.

„Ние не ги видовме тие слики. Дури потоа видовме што сѐ се случуваше на Максимир, затоа што бевме заклучени во соблекувалната. Но, убав потег направи и Бобан, кој дојде да нè поздрави и да ни каже дека сѐ ќе биде во ред. ‘Не грижете се, на сигурно сте’, ни кажа тој. Ете на тоа се сеќавам. Но, бевме главни. Моравме да застанаме некаде по пат, не знам каде, кога излеговме од Хрватска за да купиме некакви сендвичи. Ни беше мачно“, се присети Драган Стојковиќ Пикси.

 

Scroll to Top