(Видео) Една година без Марадона, истрагата за неговата смрт сè уште трае

На денешен ден пред точно една година, почина легендарниот Аргентинец и еден од најдобрите фудбалери во историјата, Диего Армандо Марадона.

Тој почина во својот дом, а извештајот за обдукцијата покажува дека причина за смртта е белодробен едем предизвикан од хронична срцева слабост, па тоа беше причина за почеток на истрага која сѐ уште трае.

Неговиот доктор, Леополдо Луке, психијатарот Агустина Косачов, психологот Карлос Дијаз, докторката Ненси Форлини, главната на медицинските сестри Маријано Перони, како и медицинските техничари Рикардо Алмирон и Дахијан Мадрид се обвинети за смртта на Марадона.

За љубителите на фудбалот, тој ќе остане вечно запаметен како уметник во фудбалот и голем бунтовник кој го даде животот за овој спорт. Исто така ќе остане запаметен и како човек кој беше воден од емоциите, што во позитивна, што во негативна смисла.

Фановите ќе се сеќаваат на неговиот трансфер од Барселона во Наполи, кој во денешно време веројатно е нешто незамисливо, кога парите се главниот мотив. За суровите песимисти, Марадона ќе остане во сеќавање по пороците кои го водеа по крајот на кариерата до неговата смрт.

На 30 октомври минатата година тој наполни 60 години, а неполн месец подоцна почина. Тој беше фудбалер на кој многумина му се дивеа и кој веројатно ќе можеше да освои и повеќе од титулата светски шампион со Аргентина и двете титули во Италија со Наполи, ако не беа пороците.

Најмногу по кое фановите ќе се сеќаваат е неговиот гол со рака на Светско во Мексико 1986 година, кога Аргентина ја победи Англија.

Марадона има пет наследници, кои се договорија на 19 декември да понудат два имоти, возила и негови лични работи на аукција за да се исплатат неговите долгови и трошоци.

Scroll to Top