(Видео) Флорентино Перез се огласи среде ноќ: Никој не излегол од Суперлигата, продолжуваме со проектот

Првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој е и иницијатор на контроверзниот проект Суперлига Европа, среде ноќ гостуваше во познатото шпанско радио Kadena Ser. Шпанецот без влакна на јазикот зборуваше за дебаклот на приватното натпреварување, кое предизвика тектонски потреси во фудбалскиот свет.

За потсетување, дванаесет големи европски клубови (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Челзи, Арсенал, Тотенхем, Јувентус, Милан и Интер), во неделата ја основаа големата Суперлига Европа, затворено натпреварување, кое претставуа пандан на Лига на шампиони.

По енормниот притисок на фудбалската јавност, навивачите, играчите, тренерите, владите, националните сојузи, само 48 часа по основањето на лигата, истата доживеа целосен крах, откако англиските клубови одлучија да излезат од проектот.

Во средата, истото го направија и Интер, Милан и Атлетико Мадрид. Дефинитивното „НЕ“ за Суперлигата, официјално сè уште не го кажале само Реал Мадрид, Барселона и Јувентус. Еден од главните логистичари на овој проект тврди дека Јувентус и Барселона остануваат во проектот кој во моментов е на чекање и порача никој не излегол од натпреварувањето, затоа што ако тоа го направат, ќе мора да плаќаат пенали.

„Никој не се откажа во овој момент од проектот, затоа што никој не платил пенали за тоа. Без разлика на тоа што клубовите не беа претерано заинтересирани за учество, тие потпишаа договори. Колкави се тие пенали? Е тоа нема да ви го откријам“, изјавил Шпанецот.

Перез не крие дека бил погоден од моменталната ситуација.

„Тажен сум. На ова работевме веќе три години. Ла Лига е недопрена, но, форматот Лига на шампиони е застарен модел и интересен е само од четвртфиналето па нагоре. Минатата сезона изгубивме 650 милиони евра и очигледно е дека форматот не е добар. Ние направивме формат во кој од старт играат најдобрите европски екипи. Можете да добиете повеќе пари таму каде што големите не губат поради солидарноста со другите. Работевме долго на проектот, но можеби не ја препознавме добро својата идеја“, вели Перез.

Првиот човек на Реал Мадрид, го прокоментира и хаосот кој настана веднаш по основањето на Суперлигата.

„Никогаш не видов таква агресија од претседателот на УЕФА, тоа беше оркестирано, од закани до разни навреди, како да убивме некого. Следеа комплицирани настани и Англичаните изгубија интерес. Почна валкана кампања, манипулации, сакаа нас да не прикажат како група која го убива фудбалот. Но, вистината е дека постојат луѓе кои имаат привилегии и не сакаат да ги изгубат“, вели Перез.

Шпанецот уште еднаш нагласи дека Реал нема да се откаже.

„Мојата одговорност е Реал Мадрид да биде пионир. Ако има пари, ги има за сите. Проектот сега е во „стенд-бај“ фаза. Заедно сме, Јувентус не се откажа, се слушнав со Ањели три пати во еден ден. Бараме нови партнери. Клучното прашање е како заинтересираната млада публика да го следи фудбалот“, вели Перез.

Тој објасни дека Суперлигата не е затворено натпреварување

„Тоа не е затворена лига. Фиксните клубови, кои не можат да испаднат, тоа го заслужиле на теренот. Тоа се клубови кои имаат најголем број фанови на социјалните мрежи. Би било голем грев да не се обидевме да го направиме овој формат“, вели Перез.

Лига на шампиони го најави новиот формат на натпреварување во 2024 година, а Перез смета дека тоа е предоцна.

„Не можеме да чекаме три години. Мораме да го направиме тоа сега. Парите доаѓаат од натпреварување во кое гледаме добри натпревари. Морате да ги закажете натпреварите кои имаат тежина како, кога играат Федерер и Надал. Сакаме да ги играме најдобрите натпревари и во тоа никого да не исклучиме“, објаснува Перез.

Тој вели дека разговарал и со првиот човек на Барселона, Џоан Лапорта.

„Разговаравме и тој останува зад овој проект. Се разбира дека ќе остане и реагираше на единствениот исправен начин“, вели Перез.

Шпанецот ја коментираше и реакцијата на УЕФА.

„Не се плашам од одмазда. Бев загрижен додека претседателот на УЕФА говореше за финансискиот фер-плеј. Тоа е круцијално и не звучи добро. Правилата мораат да бидат фиксни, а не флексбилни. Агресијата не уби. Не чекаа нас. Кога ќе се соочат со реалноста, ќе видиме што ќе се случи. Клубовите ќе изгубат повеќе од две милијарди евра“, вели Перез и истакнува дека однесувањето на Александер Чеферин било скандалозно.

„Сакам да го научам како се комуницира. Не смееме да се навредуваме, дијалогот е нашата обврска. Последните 20 години во фудбалот не сум се расправал, а на него не му оди баш најдобро“, вели Перез.

 

 

Scroll to Top