Менаџерот на Тотенхем, Португалецот Жозе Мурињо, вети дека ќе му ја исполни желбата на новинарот Игор Александровиќ и дека заедно ќе се фотографираат во чест на неговиот починат татко.
Убавиот гест на Мурињо го поздравија сите, пред гостувањето на неговата екипа во Скопје, на мечот против тетовска Шкендија во рамки на третото квалификациско коло во Лига Европа.
Португалецот пред да ја напушти прес-конференцијата сакаше да ја слушне молбата на Игор. Новинарот побара да се фотографираат заедно за време на неговиот престој во Скопје.
„Мојот покоен татко ми рече пред да почине да ве поздравам ако некогаш ве сретнам. Исто така, би ве замолил да се фотографираме ако одиграте добро затоа што тој беше вашиот најголем фан, па таа фотографија би ја врамил и би ја ставил на неговиот споменик“, рече Александровиќ.
Top class for Jose 💙 pic.twitter.com/4Qo23P6jpf
— Tottenham News (@Spurs_fl) September 23, 2020
Мурињо веднаш прифати, а напомена и дека резултатот на мечот нема да зависи од тоа дали ќе се фотографираат или не. Мурињо стекна дополнителни симпатии во македонската, но и во англиската јавност.
Инаку, делегацијата на Тотенхем со чартер лет пристигна вчера, а не е предвиден тренинг на арената „Тодор Проески“. Нема да има ниту прес-конференција во Скопје.
Мечот меѓу Шкендија и Тотенхем започнува денес во 20 часот.