Навивачите на Лацио истакнаа парола во знак за поддршка за Синиша Михајловиќ и неговата борба против леукемијата. За време на натпреварот против Болоња, тие на трибините подигнаа транспарент на кој напишаа: „Храбар Синиша, пукај, погоди, бори се и победи уште еднаш“.
Транспарентот го виде и сопругата на Михајловиќ, Аријана која веднаш ја сподели објавата на „Инстаграм“ и им се заблагодари на сите. „Фала ви на сите, посебни сте“, напиша таа за фановите на Лацио.
Навивачите ја пееја и познатата навивачка песна „Ако Синиша шутира тоа е гол“, со која Михајловиќ ги поздравуваше додека го носеше дресот на Лацио на крајот на деведесетите.
На крајот на март, Михајловиќ одржа конференција за новинарите и откри дека анализите покажале дека леукемијата повторно му се вратила и дека мора пак да прави пауза поради терапиите.
„Оваа болест е многу храбра штом се врати да се соочи со противник каков што сум јас“, рече тогаш тренерот на Болоња.
Италијанските медиуми пренесоа дека Михајловиќ им се јавил на фудбалерите од болницата преку видео, пред мечот со Милан кој ќе се игра во понеделник од 20:45 часот. Им рекол дека нема да биде со нив неколку недели и дека екипата ќе ја води неговиот асистент Емилио де Лео.