Откако репрезентацијата на Португалија синоќа одигра 2-2 против Србија, во натпревар од квалификациите за Светското фудбалско првенство 2022 година, капитенот Кристијано Роналдо, бесен ја фрли капитенската лента и си замина од теренот.
Во последната минута, трета од судиското надополнување, холандскиот судија Дени МекКели го поништи голот на Роналдо откако топката ја мина гол-линијата. Бидејќи 36-годишниот фудбалер негодуваше и се расправаше со него, судијата му даде жолт картон. Веснаш потоа досуди и крај на натпреварот, а Роналдо ја фрли капитенската лента на теренот.
„Да се биде капитен на Португалија за мене е гордост и огромна привилегија. Секогаш го давам најдоброто за мојата земја и тоа никога нема да се смени. Но, има тешки моменти со кои треба да се носиме, особено кога чувствуваме дека ѝ наштетуваат на целата наша нација. Ќе ги кренеме главите и ќе се соочиме со следните предизвици. Напред Португалија“ напиша Роналдо по натпреварот на „Инстаграм“.
По овој натпревар, Португалија и Србија имаат по 4 бода и се на првото и второто место во групата А.