Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски беше успешно опериран и за неколку дена се очекува да се врати во Скопје, каде шест месеци ќе мора да се рехабилитира.
Тој имаше повреда на коленото, а по направените лекарски прегледи беше неопходно да ја направи операцијата. Зафатот го изведе познатиот доктор Швенк од Австрија, еден од најдобрите европски и светски експерти за санирање на ваков тип на повреди.
На Војдан му беше скинат лигаментот, но за среќа немаше други посериозни оштетувања. Тој се очекува во понеделник да стигне во Скопје, каде ќе го почне процесот на рехабилитација.
Војдан кој во моментов игра за францускиот ЛНБ лигаш, Гравелин Данкерк, според првите процени, ќе биде подготвен да се врати на теренот некаде во вториот дел од годината.