На денешен ден во 1994 година беше убиен колумбискиот фудбалер Андрес Ескобар. Тој беше убиен поради автоголот што го постигна на мечот против САД, каде се играше Светското првенство, автогол кој ја чинеше Колумбија испаѓање од турнирот.
Тој беше убиен пред ноќниот клуб во градот Меделин во Колумбија. Спорниот меч се одигра на стадионот Роуз Боул во Пасадина. Колумбија до тој меч беше поразена од Романија и само победа против САД ќе ги оставеше во трката за осминафинале.
„Ве уверувам дека ништо чудно не се случи во нашата група, едноставно одигравме лошо. Ќе се видиме наскоро затоа што животот не завршува тука“, напишал Ескобар во колумната за „Ел Тиемпо“, а која била објавена само неколку часа пред да биде брутално убиен.
Десет дена подоцна Ескобар се вратил во Колумбија, иако првично планирал да ги посети роднините во Лас Вегас.
Фудбалерот ноќта ја минал со пријателите во еден ноќен клуб, во едно предградие на Меделин. Според официјалната верзија, тој го напуштил клубот околу 3 часот по полноќ.
На паркингот го чекале три лица кои почнале да се расправаат со него, а потоа еден од нив 12 пати пукал во него. Наводно убиецот по секое пукање викал гол, на начин на кој тоа го прават јужноамериканските коментатори. Убиецот наводно бил шофер на озлогласниот наркобос Пабло Ескобар. 45 минути подоцна фудбалерот починал во болница на 27 години.