Зоран Мамиќ ќе оди во затвор, тренерот на „Динамо Загреб“ си поднесе оставка

Зоран Мамиќ си поднесе оставка од тренерската позиција во „Динамо Загреб“ и функцијата спортски директор во клубот откако затворската казна, која претходно ја доби од судот, стана правосилна.

Тој и брат му Златко Мамиќ, кој беше претседател на клубот, беа осудени за нелегално извлекување пари од трансфери и затајување данок. Еден од спорните трансфери беше и на Лука Модриќ во „Тотенхем“.

Зоран Мамиќ е осуден на четири години и осум месеци во затвор, а брат му Златко на шест и пол години. Врховниот суд денеска ја потврди пресудата, а Златко, иако на почетокот рече дека не се чувствува виновен, изјави дека ќе ја почитува судската одлука, без разлика на исходот.

„Иако не чувствувам вина, како што веќе кажав, ако пресудата биде правосилна, јас ја прифаќам како таква и поднесувам оставка од местото главен тренер и спортски директор на ‘Динамо’. На клубот му посакувам многу среќа и спортски успеси во понатамошната работа“, изјави Мамиќ.

Оставката на Зоран се случи пред реваншот на „Динамо Загреб“ со „Тотенхем“. Управата ја прифати, а сега клубот ќе го води неговиот досегашен помошник, Дамир Крзнар. Тој го водеше клубот и во 2015 година додека Мамиќ беше во притвор.

За потсетување, Здравко Мамиќ, кој беше прв човек на „Динамо Загреб“, уште пред три години ја напушти Хрватска и избега во БиХ.

Scroll to Top