Британската кралица Елизабета, која почина вчера на 96 години, беше позната по својот уникатен моден стил. Таа често во јавноста се појавуваше со бесценет накит, смели бои и бисери, па до твид и шамија. Се облекуваше и дипломатски, носеше облека во светли бои и соодветни шапка и чанта, кои ѝ беа заштитен знак.
Оние што ги следеа нејзиниот имиџ и начинот на облекување велат дека таа одамна имала развиено свој препознатлив моден стил.
„Таа разви свој постојан препознатлив стил. Носеше ист облик на шапка, ист крој на капут, фантастични црни блок-потпетици, но и покрај тоа, многу се забавуваше со модата. Кралицата е славна со своите блок-бои“, вели Елизабет Холмс, авторка на книга за стилот на кралицата.
Кога е во лежерно издание, кралицата можеше да ја видиме во канаринско жолто, светлозелено, виолетово и розово, а за време на официјални посети носеше и црвено, светлосино и портокалово.
„Многу се размислува за облеката на кралицата зашто кога таа ќе излезеше од автомобилот, сите гледаа што носи. Сите сакаа да ја видат кралицата“, додаде Холмс.
Во почетокот на нејзиното владеење облеката на Елизабета ја правеле кралските дизајнери Харди Ејмис и Норман Хартнел, а подоцна модниот стил ѝ го планирала Анџела Кели.
„Кралицата има фантастично разбирање за облеката и модата и многу е свесна што ѝ одговара и што би било соодветно за одредена пригода. Таа внимателно избира и каков брош ќе носи“, рече Кели своевремено.
Во неформални пригоди кралицата можеше да ја видат во кафеав или син твид и со шамија на главата.
„Таа креира свој кралски стил на облекување, кој е апсолутно препознатлив и видлив. Тој беше користен и како дипломатска алатка и е удобен“, вели Лидија Слејтер, уредничката на „Харпер базар“.