Сопругата на хрватскиот претседател, Сања Мусиќ Милановиќ, носи накит дизајниран од македонската креаторка Ивана Кнез за насловната страница на магазинот „Убавина и здравје“. Таа е облечена во бела комбинација, дополнета со впечатливиот ѓердан од бисери. На насловната со неа се уште седум дами, меѓу кои и Северина и Јелена Вељача. Темата на бројот е „Жените на кои им се восхитуваме“.
„Имам особена привилегија што првата дама на Хрватска за декемвриската насловна страница на ‘Убавина и здравје’ повторно одбра накит со мој дизајн кој таа го поседува“, вели Ивана и ја објави фотката од насловната.
Не е првпат Мусиќ Милановиќ да носи накит од Кнез. Таа пред една година се сликаше во накит од македонската дизајнерка за насловната на „Глорија“, а претходно носеше уникатен црвен ѓердан на годишната изложба на хрватските архитекти. Првата дама на Хрватска е позната како љубител на необичен и впечатлив накит, со кој секогаш го привлекува вниманието во јавноста.