Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека нејзиниот ровер Истрајност првпат на Марс снимил звук на „песочен ѓавол“. Аудиото го донесува звукот на вонземскиот вртлог и им помага на научниците подобро да разберат како прашината може да влијае на идните мисии на Марс.
Звукот на „песочниот ѓавол“ за човечкото уво звучи како кога микрофонот ќе го фати звукот на ветрот на земјата. Но, научниците велат дека научиле многу од тоа.
„Додека песочниот ѓавол поминуваше на роверот, можевме да слушнеме индивидуален удар на честичките. Дури можевме и да ги преброиме“, вели Наоми Мардок, планетарна научничка, која е авторка на новиот извештај.
Прашината е значителен фактор во планирањето нови мисии на Марс затоа што таа може да предизвика ерозија на топлотните штитови на леталото, да ги уништи научните инструменти, да ги онеспособи падобраните и да ги прекрие соларните панели.
Научниците проценуваат дека вртлогот бил широк 25 и висок 118 метри, а иако тоа звучи застрашувачки, се работи за релативно мала бура која не го оштетила роверот. Како што може да се слушне, клипот вклучува и пауза во турбуленцијата додека „окото“ на “песочниот ѓавол’ се наоѓа над роверот.
„Истрајност“ направил и фотографија од бурата која поминува. Научниците мораа да ги координираат своите инструменти за да ги зголемат шансите за снимање на бурата. Роверот снима само звучни исечоци кои траат помалку од три минути и тоа само осум пати месечно. Тоа значи дека научниците го темпираат времето кога се очекуваат следни бури, а ги насочуваат камерите во правецот од кој најверојатно ќе се приближи.
Роверот „Истрајност“ е лансиран на Марс на 30 јули 2020 година, а слета на 18 февруари 2021 година. НАСА го користи за истражување на кратерот Езеро и за потрага по знаци од праисториски микробски живот во рамки на мисијата Марс 2020.