Истанбул може да биде погоден од земјотрес во кој би загинале 100.000 луѓе, предвидува турски геолог

Повеќе од пет недели Турција се бори со последиците од разорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала на југоистокот на земјата, во кој загинаа речиси 50 илјади луѓе. Но, во Истанбул, најголемиот и најнаселен град во Турција, се зголемува притисокот врз властите да се подготват за можноста од уште една природна катастрофа од незамисливи размери.

„Изгледите за Истанбул не се добри. Воопшто не се добри“, рекол Џелал Сенгор, еден од најистакнатите турски геонаучници, за Си-Ен-Ен.

„Ако не се случи голем земјотрес во Истанбул во следните дваесет години, сите ќе бидеме многу изненадени. Толку е блиску. Тоа е само веројатност, но веројатноста е голема“, нагласил Сенгор.

Со две клучни раседни линии во нејзина близина, северноанадолската и источноанадолската, Турција е една од сеизмички најактивните области во светот. Тоа е геолошка реалност што ја зголеми загриженоста за подготвеноста на Истанбул за земјотреси.

Некогаш главен град на Византиската и Отоманската империја, Истанбул е густо населен град со околу 16 милиони жители. Лежи блиску до северноанадолскиот расед, кој минува на дваесетина километри од Истанбул и низ Мраморното Море.

Историски гледано, раседот предизвика неколку катастрофални земјотреси, вклучително и еден со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што го погоди блискиот град Измит во 1999 година, убивајќи повеќе од 17.000 луѓе и раселени половина милион други.

Експертите проценуваат дека уште еден земјотрес низ северноанадолскиот расед би можел да достигне магнитуда меѓу 7,2 и 7,8 степени, со разорни последици за Истанбул. Времето на таков земјотрес, сепак, е невозможно да се предвиди.

„Можеме да предвидиме дека земјотрес со таква јачина ќе се случи наскоро, но тоа е најдоброто што можеме да го направиме. Нема шанси да го предвидите тоа“, изјави Сенгор за Си-Ен-Ен.

Геонаучникот Сенгор, проценува дека 100.000 луѓе би загинале во случај на земјотрес.

Студијата спроведена од Опсерваторијата Кандили и Институтот за истражување на земјотреси проценува дека бројот на загинати би бил повеќе од 14 илјади доколку земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтер се случи ноќе во Истанбул. Некои експерти, сепак, веруваат дека билансот ќе биде многу поголем.

„Мојата проценка е околу 100 илјади. Ќе има пустош. Не можете само да размислувате за директното влијание на земјотресот, треба да размислите и за тоа што ќе следи после него. Ќе има грабежи, пожари, епидемии“, заклучил Сенгор.

Тековните проекции на властите во Истанбул покажуваат дека земјотресот со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала по должината на раседот на Северна Анадолија може да доведе до уништување на приближно 90.000 згради во градот, а дополнителни 260.000 најверојатно ќе претрпат значителна штета. Тоа е предвидување кое би можело да остави без покрив над главата околу 4,5 милиони луѓе, што е повеќе од една четвртина од населението во Истанбул.

Scroll to Top