Откако холивудскиот актер Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок, Академијата одлучи да му изрече 10-годишна забрана да присуствува на сите нивни настани, вклучувајќи ги и Оскарите. Тој накратко ја искоментира нивната одлука за Си-Ен-Ен.
„Ја прифаќам и ја почитувам нивната одлука“, рече тој.
Вчера попладне Академијата излезе со соопштение за дисциплинската мерка донесена на седница на УО.
„Комисијата одлучи дека од 8. април 2022. година, на господинот Смит нема да му биде дозволено да присуствува на ниту еден академски настан или програма цела деценија, во живо или виртуелно, вклучувајќи ги и Оскарите. Оваа акција што ја преземаме денес е одговор на однесувањето на Вил Смит и е чекор кон целта да се заштити безбедноста на нашите изведувачи и гости и да се врати довербата во Академијата. Исто така, се надеваме дека со ова може да започне времето за опоравување за сите вклучени и погодени“.
Ова се случи откако, Академијата се соочи за жестоки критики за начинот на кој се справила со инцидентот, па многумина се прашуваа зошто не бил веднаш отстранет од театарот Долби, откако го удри Крис Рок и го опцу од своето место. Минатата недела, организацијата соопшти дека Смит бил „замолен да ја напушти церемонијата, но тој одбил“. По што, портпаролот на Смит ја дементираше оваа вест, тврдејќи дека Академијата не барала такво нешто од него.
Ова не е прв случај Академијата да донесе ваква одлука. Претходно тоа се случи со Харви Вајнштајн, режисерот Роман Полански и Бил Козби, но на никој од нив не им се одземени Оскарите. Досега има поништено само еден Оскар и тоа за документарецот „Млади Американци“ од 1969 година, бидејќи предвреме бил објавен.