Песочната плажа, долга 13 километри, наречена „Јадранска Копакабана“ која се наоѓа во Улцињ е најдолга на Јадранот. Од градот е одалечена само пет километри.
Не треба многу да се грижите за вашето место под сонцето или да ги оставите пешкирите преку ноќ – се проценува дека на „Велика плажа“ доаѓаат дури 150 илјади капачи. А дополнителна причина за да ја изберете е песокот, кој е богат со минерали.
Плажата е отворена, но сите оние кои не се љубители на сончањето можат да уживаат на неа под големи чадори или, уште подобро, во сенката на боровата шума во задниот дел на плажата. Освен пливањето и сончањето, меѓу најпопуларните активности е и сурфањето на змејови поради пријатните ветрови, а има места за нуркачи, одбојкари, тенисери, ракометари, оние кои сакаат плитко, но и оние кои сакаат да пливаат во длабочините на далечниот хоризонт.
Плажата ја пофали и „Њујорк тајмс“, вклучувајќи ја во најпопуларните туристички дестинации во 2010 година. Целата област е одлична за летување бидејќи тука се наредени уште дваесет плажи, така што има многу избор.
Инаку, плажата и градот Улцињ се наоѓаат недалеку од вливот на реката Бојана во Јадранското Море. Бојана е природната граница меѓу Црна Гора и Албанија, така што веќе имате опции за екскурзија. Само десет километри на исток е албанската граница, каде што е заштитениот мочурлив пејсаж, а четириесетина километри на север ве очекува прекрасното Скадарско езеро. А на самата река Бојана можете да го посетите прекрасниот остров Ада Бојана.