Британската кралица Елизабета сака да се храни здраво, особено во летните денови. На нејзиното мени најчесто можат да се видат богати мешани салати, свежи риби и парчиња од сезонско овошје.
Нејзиниот поранешен готвач Дарен Мекгрејди, од Балмор, каде што кралицата обично го минува летниот одмор, вели дека таа ги намалила јаглехидратите и ги сведела на минимум. Таа преферира печено пилешко или риба комбинирана со сезонско овошје, пренесува People.
Дарен вели дека таа е голем љубител на овошје и дека секогаш со себе носи некаква ужинка во пластичен сад. Одвреме-навреме знае за појадок да касне риба.
Ужива во димена харинга и треска со спанаќ, со шолја чај Ерл Греј. Потоа, за ручек јаде лосос, уловен во околината, со комбинација на разновиден зеленчук.
Понекогаш јаде и слатки ужинки. Покрај неизбежното чоколадо, таа сака да јаде летен пудинг, десерт направен од застоен леб и бобинки, кој често ги собира сама за време на нејзините прошетки во градините на Балмор заедно со правнуците Џорџ и Шарлот.
И нејзиниот син Чарлс е голем љубител на селото и сака да јаде она што самиот ќе си го собере во природата, па така за време на одморот во Шкотска, тој често собира диви печурки и сливи кои потоа ги пече во печка.
Вистинскиот ритуал во кралското семејство претставуваат вечерните пијалаци. Вкусовите им се различни. Кралскиот омилен пијалак е коктелот џин Дубоне. Нејзините коктел мајстори ја откриваат тајната како да го направат. Тие ставаат во чашата една третина џин и две третини Дубонеа, аператив на база на вино, потоа кори од лимон и две коцки лед, водејќи сметка обликот на ледот да биде квадратест и да не се топи брзо. Се пие умерено, затоа што е прилично силен пијалак. За тоа сведочел и поранешниот британски премиер Тони Блер, кога со сопругата Чери бил чест гостин во Балмор. Коктелите кои таму се служеле биле дефинирани како ракетно гориво.