Парализа во сон е феномен за кој повеќето луѓе никогаш не слушнале, но 7,6% ја доживеале оваа состојба барем еднаш во животот. Многумина го нарекуваат мистериозно нарушување, оти се будите среде ноќ, се обидувате да се движите, но вашето тело не реагира. Иако мислите дека сонувате, свесни сте. Пробувате да викате за да побарате помош, но не можете да испуштите никаков звук и лежите во кревет како странец во сопственото тело.
Парализата во сон може да трае од неколку секунди до неколку минути. Таа во моментот е застрашувачка состојба, но повеќето луѓе што ја доживеале подоцна најчесто не се сеќаваат на неа. Обично се јавува кога заспивате или се будите. Личноста доживува чувство на парализа и тежина, како некој или нешто многу тешко да седи врз нив. Најчесто е придружено со халуцинации и кошмари. Сепак, овие се многу различни од соништата што ги гледате кога спиете, бидејќи халуцинациите се случуваат кога вашиот ум е буден и се чувствувате будни. Ова ја прави ситуацијата уште повознемирувачка.
Ако доживеете парализа во сон, колку и да се трудите, не можете да направите ништо за да го разбудите вашето тело. Некои луѓе можат да ги движат прстите на нозете или рацете, и потоа се будат. Често парализата во сон ја опишуваат како вонтелесно искуство. Додека се парализирани, луѓето гледаат засенчени фигури и слушаат чудни звуци. Понекогаш ова е дополнето со чувството дека ве влечат од кревет, дека летате или чувствувате вибрации што минуваат низ телото. Некои стануваат очајни зашто не можат да си помогнат себеси, па почнуваат да креваат паника, а се создава и дополнително чувство на вознемиреност оти телото не може да се движи, ниту да испуштите глас.
Кога спиеме телото влегува и излегува од фазата на РЕМ (брзо движење на очите). Мозокот испраќа команда до мускулите да се релаксираат и почнува состојба на атонија. Оваа состојба е неопходна за да ги ограничиме нашите физички движења за да бидеме мирни додека спиеме. Парализата во сон се случува кога телото има проблем да ја направи таа транзиција. Ние сме будни, но нашите мускули не успеваат да излезат од атонија.
Постојат неколку можни објаснувања во врска со халуцинациите. Една од нив е дека делот од нашиот мозок одговорен за страв и емоции е многу активен во состојба на РЕМ. Работи напорно, иако ништо околу нас не покажува дека постои опасност. Нашиот мозок го надоместува тоа со страшни сенки и звуци. Но, парализата во сон е сосема природна појава. Може да му се случи секому без оглед на возраста, полот или здравствената состојба.
Според научниците, парализата во сон може да се јави ако имате нарушувања во спиењето, како несоница, нарколепсија и лишување од сон. Се појавува кај луѓето кои доживеале траума или се под огромен стрес, но и кога спиете на грб, оти тогаш постои поголем притисок врз белите дробови и дишните патишта. Но, може да биде и генетски наследна.
Иако парализата во сон е непријатно и вознемирувачко искуство, нема вистинска опасност бидејќи не му штети на телото. За ваквата состојба на постои третман, но лекарите препорачуваат поздрави навики при спиење: да заспивате и да се будите секој ден во исто време, да избегнувате кофеин пред спиење, да не спиете на грб или стомак, но најважно е да пробате да останете смирени, да не паничите и да ја оставите парализата сама по себе да заврши.