Во Дубаи ќе се гради првата џамија во светот изработена со помош на 3Д-печатач

Првата џамија во светот направена со помош на 3Д принтер ќе биде изградена во Дубаи. Изградбата се очекува да заврши во 2025 година, а ќе може да прими до 600 верници. Џамијата ја гради Министерството за исламски прашања и добротворни цели на Дубаи на површина од 2.000 квадратни метри.

„Џамијата ќе се наоѓа во Бур Дубаи, една од најстарите населби во Обединетите Арапски Емирати. Ќе бидат потребни околу четири месеци за процесот на 3Д печатење на структурата на објектот, како и дополнителни 12 месеци за опремата. Работниците ќе користат 3Д роботски печатач, кој за еден час ќе печати два квадратни метри“, се вели во соопштението од Министерството.

Во изградбата на новата џамија ќе се користи комбинација од суровини и внимателно подготвен бетон.

„Со 3Д печатачите ќе го намалиме отпадот од градежни материјали, што е еколошко решение. Цената е за 30 проценти повисока во споредба со градењето на вообичаениот начин бидејќи е прва џамија од ваков тип во светот. Очекуваме дека трошоците и во иднина ќе бидат слични, а гаранцијата е 30 години“, изјавил директорот на инженерскиот оддел на Министерството.

Изборот да се користи технологија за 3Д печатење е во согласност со амбициите на Дубаи да стане водечки центар за технологија до 2030 година. Иницијативата за 3Д печатење во Дубаи започна 2016 година, кога шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетелот на Дубаи, откри дека сака градот да стане главен центар на 3Д технологија. Целта е 25 отсто од идните згради во Дубаи да се градат со помош на 3Д принтери. Ова инспирираше бројни производители на технологија да ги испратат своите производи во Дубаи со цел да градат тест структури.

Scroll to Top